Ливерпул веќе 30 години чека да стане англиски првак, а се очекува конечно тоа да го дочека во следните 10-тина дена. По 29 одиграни кола, Ливерпул е убедлив лидер со 82 бодови, дури 22 бода повеќе од второпласираниот Манчестер сити. Тоа значи дека на Ливерпул му се потребни само уште шест бода за и дефинитивно биде првак на Англија, вест која навивачите на овој клуб ја чекаат три децении.
В недела, Ливерпул ќе го игра првиот меч во Премиер лигата по пауза од три месеци и тоа на теренот на градскиот ривал Евертон. Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека сега кога првенството веќе продолжи, му е многу полесно. Германскиот стратег призна дека бил уплашен по најавите дека може шампионатот да биде поништен и Ливерпул да остане без трофејот.
„Започнав да се вознемирувам кога луѓето почнаа да зборуваат дека првенството нема да продолжи. Тоа беше навистина многу тежок период. Не сакаме да ја добиеме титулата како подарок, ниту сакавме да ја добиеме титулата поради досега освоените бодови. Едноставно сакавме да излеземе на терен и да продолжиме да играме. Одлично е решението за повторно играње. Сега ни следи меч против Евертон и знаеме дека нема да биде исто како кога има публика на овој градски дуел. Сепак дерби си е дерби и е важно за двата тима. Ние со нетрпение очекуваме да излеземе на терен“, вели Клоп.