Ливерпул го пречекува Ајакс во дуел на поранешните европски прваци, а двата тима во различно расположение ја очекуваат пресметката. Во првото коло од групната фаза од Лигата на шампионите, Ливерпул убедливо загуби на гости кај Наполи со 1:4, а Ајакс немаше милост кон Ренџерс и гигантот од Амстердам победи со 4:0.
Сега Ливерпул едноставно мора да брка триумф затоа што уште еден кикс ќе значи ризик Црвените да не може да стигнат до едно од првите две места на крајот од групната фаза. Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, признава дека дуелот против Наполи е најлош откако е пристигнат на „Енфилд роуд“.
„Неколку пати го гледав мечот против Наполи и, да бидам искрен, тоа беше вистинско хорор-шоу. Тоа беше најлошиот меч што го имаме одиграно откако сум во Ливерпул“, искрен е германскиот стратег.
Ливерпул на полувремето губеше со 3:0 во Неапол, а само што почна второто полувреме, прими и четврти погодок. Клоп вели дека овој меч е полош и од тој на кој Ливерпул загуби со 2:7 од Астон вила.
„Сите се сеќаваат на поразот од Астон вила, кога примивме седум голови, и уште на неколку навистина лоши дуели, но и на тие средби секогаш имало знаци на фудбал. Против Наполи немше ништо од тоа. Мислам дека осум од 11-темина играчи кои беа во стартниот тим беа под нивото на кое треба да играат. И останатите тројца не беа на нивото на кое е потребно и затоа така загубивме“, анализираше Клоп.