Клоп прогнозира дека титулата во Премиерлигата од Ливерпул ќе се пресели во Лондон

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, изјави дека Челзи го гледа како тим кој е прв фаворит за титулата во Англија сезонава. Сините од Лондон синоќа го победија Лидс со 3-1 и привремено го зазедоа врвот на премиерлигашката табела, со бод плус во однос на Ливерпул и Тотенхем кои имаат и еден меч помалку.

„Врз база на досегашните натпревари, Челзи е фаворит за титулата. Имаат најдолга клупа, одлични фудбалери, и доста се воиграни. Челзи располага и со варијабилност во составот, може да прават измени на тактиката во текот на мечевите“ – анализира Клоп.

Германскиот стручњак не мисли дека Ливерпул брка некого, ниту дека другите го бркаат Ливерпул. Во истава фаза од минатата сезона, Црвените имаа шест бода предност во однос на вториот.

„Притисокот е врз нас, но искрено, зависи колку размислувате на притисокот. Јас немам чувство дека бркаме некого, или дека некој нè брка нас. И Тотенхем игра прилично добро, но Челзи е во подобар ритам“ – додава Клоп.

- Оглас -

Најнови вести