Јирген Клоп протестира против чудниот тренд на стартот од Премиерлигата, во кој според Германецот неговиот Ливерпул е оштетен на пола од шестте натпревари што ги одигра.
И вчера против Шефилд јунајтед имаше сомнителен пенал досуден против Ливерпул, иако првично по стартот на Фабињо над Мекбрни беше досуден слободен удар. По долгите консултации со судиите во ВАР собата, судијата Мајк Дин покажа на белата точка.
„Воопшто немаше фаул. Одигравме само шест меча, а на три од нив Ливерпул е на спротивната страна од правдата. И Шефилд јунајтед доби подарок“, вели Клоп.
Од Премиерлигата објаснија дека првичната одлука на Дин да досуди слободен удар била погрешна, но и остануваат на ставот дека имало прекршок од Фабињо, па според нив Шефилд јунајтед со право добил пенал по проверка со ВАР системот.
Ливерпул успеа да направи пресврт по негативата од 0:1 и да победи со 2:1, но и вчера на дуелот со Шефилд јунајтед имаше неколку чудни одлуки на арбитарот на меч што го играше актуелниот шампион на Англија.