Ливерпул го доби само првото полувреме против Ред Бул Лајпциг и нема да ги потцени противникот на вечерашниот реванш од осминафиналето на Лигата на шампионите, вели менаџерот на Црвените, Јирген Клоп.
„Домаќини сме, но не на нашиот стадион. Ова не е жалење, ситуацијата е таква, ни е виновна ни УЕФА, ни Лајпциг, ниту ние. Требаше да направиме компромиси, ако ни се игра фудбал. На првиот меч Лајпциг беше домаќин во Будимпешта, сега е наш ред. Чудно е што два меча во елиминациска фаза се играат на еден ист стадион, но организација е одлична и треба да се заблагодариме“ – вели Клоп.
Ливерпул победи со 2-0 на првиот меч, а вечер се нови 90 минути.
„Знаеме дека сме на полувреме. Имаме предност, но ништо повеќе од тоа. Не сме ја завршиле работата и повторно треба да напаѓаме. Пласманот понатаму не ни е гарантиран. Мислам дека противникот нема да се предаде, исто како што ние немаше да се предадеме ако резултатот беше 2-0 за нив“ – рече Германецот.