Ливерпул е во мисија вечерва да мора да победи против Атлетико Мадрид и по можност тоа да биде без примен гол или барем со два гола разлика. Англискиот гигант како актуелен европски првак е пред голем предизвик затоа што на првата средба во Мадрид неговиот тим не успеа да упати ниту еден прецизен удар кон голот на Атлетико.
Сепак, кога игра на „Енфилд роуд“, Ливерпул има посебна инспирација и сила, па тренерот Јирген Клоп верува во успех на неговиот тим. Германскиот стратег вчера беше потсетен од еден шпански новинар дека Ливерпул не упатил ниту еден удар кон противничкиот гол на првиот меч, па го запраша што очекува, како ќе биде на реваншот.
„Во реваншот очекувам да имаме повеќе прецизни удари кон голот на Атлетико“, кратко и јасно одговори Клоп на новинарското прашање.
Атлетико со предност од 1:0 ќе стартува на „Енфилд роуд“ и ќе се обиде да го симне континенталниот владетел од тронот.