Во октомври ќе биде четиригодишнината од доаѓањето на Јирген Клоп во таборот на Ливерпул. Германскиот стратег откако го презеде кормилото на Црвените, го врати стариот сјај на гигантот од Мерсисајд, а потврда за тоа е титулата во Лигата на шампионите. По подолго време, Ливерпул повторно е меѓу главните конкуренти во Премиер лигата, а, секако, голема заслуга за тоа има екстренерот на Борусија Дортмунд.
Иако договорот на Клоп важи до јуни 2022 година и не се испушта ниту можноста истиот да биде продолжен, Германецот сам си го одреди наследникот на клупата, а неговиот избор никого не го изненади.
„Во случај клубот да нема избор и да мора да ме смени пред да ми заврши договорот, мислам дека управата би посегнала по Стивен Џерард. Тој е икона на Ливерпул, еден од најдобрите што го носеле црвениот дрес, а искрено мислам дека би бил вистински избор. И јас би постапил така, Џерард да ме наследи кога ќе дојде време. Иако е млад тренер, мислам дека добро си ја врши работата во Ренџерс, а порано или подоцна тој ќе биде менаџер на Ливерпул“, истакна Клоп.
Инаку Клоп вчера беше избран за најдобар тренер во 2019 година според ФИФА.