Клоп шокиран од поразот, но верува дека во реваншот е можно чудо

Ливерпул беше шокиран на својот „Енфилд роуд“ и загуби со убедливи 3:0 од Аталанта во првиот меч од четвртфиналето во Лигата на Европа. Тимот од Бергамо е само вториот клуб кој успеал да го победи Ливерпул на гостински терен со три гола разлика. Претходно Реал бил единствен со победа од три разлика, и тоа во два наврати (3:0 и 5:2).

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, вели дека немало ништо добро да издвои кај својот тим, но сепак дека не губи надеж дека може да се направи пресврт во реваншот.

„За жал, нема ништо позитивно што да се каже за нашата игра на овој меч. Не ми се допадна нашето тактичко позиционирање. Му дозоволивме на противникот да ја контролира топката. Аталанта одигра добар меч, постигна три гола и заслужено победи“, вели Клоп, кој открива дека дури следната недела ќе го анализира овој меч.

„Немаме време, мора да се подготвуваме за дуелот против Кристал палас. Дури в понеделник ќе го гледам овој меч против Аталанта. Знам дека момците може да одиграат многу подобро, тоа не го покажаа вечерва, но верувам дека реакцијата на следниот дуел в недела ќе биде позитивна“, вели германскиот стратег.

Клоп ќе си замине на крајот од сезоната од Ливерпул, а сега не сака да се предаде иако ќе биде пеколно тешко на реваншот во Бергамо да се анулира негативата од три погодоци.

„Можеме ли да се вратиме? Да, ако играме добро, тоа е можно. Можеме ли да победиме со 3:0? Е тоа не знам“, констатираше Клоп по срамниот пораз на Ливерпул на „Енфилд роуд“.

Во 2019 година Ливерпул успеа да анулира негатива од 3:0 во реваншот против Барселона, но тоа се случи откако на „Енфилд роуд“ победи со 4:0. Сега ќе треба тој подвиг да го бара на гостински терен.

- Оглас -

Најнови вести