Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, во пресрет на новата сезона во Премиер лигата, ги пофали ривалите, а не пропушти и прилика да ја нападне ФИФА и нејзиниот календар поради Мундијалот кој ќе се игра во ноември и декември во Катар.
Црвените денеска од 13.30 часот гостуваат кај повратникот Фулам во првото коло од англискиот шампионат.
„Јас по природа сум позитивно настроен. Имаме големи очекувања и желби за новата сезон. Сите тимови се подобрија, Сити, Челзи, Тотенхем, Арсенал, Јунајтед, Њукасл, а и ние се обидуваме да се подобруваме, да сме поразновидни, подинамично да ја владееме топката. Фулам играше одлично минатата сезона. Да влезеш во Премиер лигата, играјќи во Чемпионшип, е едно од најтешките нешта. Имам целосна почит за нив, добар тим се“ – изјави Клоп.
На германскиот стручњак, не му се допаѓа што Светското првенство ќе се игра во зимскиот период.
„Ако играш во финале на СП или во мечот за трето место, ќе бидеш доста заморен. Се лутам кога зборувам за ова. Сите знаат за проблемот, а никој не зборува. Нешто треба да се промени. ФИФА, УЕФА, ФА, Премиер лига, ве молам разговарајте. Направете една заедничка средба, на која темата ќе бидат оние најважните – фудбалерите. Ова СП ќе се случи во погрешен момент поради грешни причини“ – коментира Клоп.