Клоп: Сити загуби 12 бода, но сите зборуваат за нерешените дуели на Ливерпул

На тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп „му гори под нозете“. Германскиот стратег е под притисок во најскоро време да го врати тимот на победнички патеки, но и да ја врати лидерската позиција во Премиер лигата. По подолго време, Ливерпул не е лидер и тоа поради победата на Манчестер сити на гости кај Евертон. „Граѓаните“ сега имаат 62 бодови, колку што има и Ливерпул, но се лидери поради подобрата гол разлика. Гигантот од „Енфилд Роуд“ има меч помалку, што значи дека по утрешниот меч против Борнмут, навивачите на „црвените“ повторно може да се радуваат на тронот.

Клоп вели дека Ливерпул е под голем притисок и дека сите повеќе се занимаваат кога неговиот тим ќе ремизира, отколку кога Сити ќе загуби.

„Во еден момент од сезоната Сити имаше три порази за кратко време, а ние сега имаме две нерешени и луѓето повеќе ги забележуваат нашите реми средби отколку нивните порази. Така стојат работите сега. Ние сме должни на теренот да покажеме дека сме подготвени за битка. Момците досега се справија исклучително добро. Немаше да имаме толку поени, ако не сме играле добро“, рече Клоп пред утрешниот меч против Борнмут.

 

- Оглас -

Најнови вести