Големото англиско дерби меѓу Ливерпул и Манчестер сити ќе се игра в недела од 17.30 часот, а менаџерот на Црвените, Јирген Клоп, најмногу стравува од новиот напаѓач на шампионот, Ерлинг Халанд, кој досега даде 20 гола во сите натпреварувања. Клоп го пофали Халанд велејќи дека тој е најдобар напаѓач на светот во моментов и дека Сити во него добил „комплетен пакет“.
„Во недела играме против Халанд, најдобриот напаѓач во светот во моментов. Она што треба да направиме е да му дозволиме да има што помалку контакти со топката. Знаеме дека тоа ќе биде многу тешко, а тука се и останатите врвни играчи на Манчестер. Во Халанд, Сити доби „комплетен пакет“. Тој не е само физички моќен, тој е технички неверојатно квалитетен фудбалер. Халанд е и интелигентен играч, кој максимално ја користи секоја ситуација на најдобар начин. Халанд е чудо, специјален играч“, рече Клоп.
Манчестер сити моментно се наоѓа на второто место на табелата во Премиер лигата со еден бод помалку од лидерот Арсенал, додека Ливерпул лошо ја започна сезоната. Црвените се наоѓаат на 10-тата позиција на табелата и имаат само две победи на осумте одиграни натпревари. Ситуацијата се подобри откако во средата Ливерпул со убедливи 7:1 славеше на гостувањето кај Ренџерс во Лигата на шампионите.