Ливерпул за првпат во својата богата историја на свој терен прими пет гола (до синоќа немаа примено ниту 4 на „Енфилд“) на еден интернационален натпревар, беа разбиени од Реал Мадрид со 2-5, а менаџерот Јирген Клоп истакна дека е добро што не мора секоја недела да играат против Кралскиот клуб, од кого во последните 6-7 меѓусебни дуели редат само неуспеси.
„При секој од петте примени гола, можевме подобро да реагираме. На полувремето бевме позитивно расположени, но кога го примивме третиот гол, беше готово, тоа беше клучно, се смени мечот, потоа противникот доминираше и казнуваше. Реал никогаш не простува. Тешко е да се браниш против нив, фала му на Бог што не мора да играме против нив секоја недела“, изјави Клоп.
По дебаклот, германскиот стручњак вели дека патникот во четвртфиналето е познат, но на реваншот ќе се обидат да победат.
„Мислам дека е одлучено кој оди понатаму, но за три недели ќе видиме како ќе биде. Ќе мора да ризикуваме, а тоа значи поголем простор за Реал, тие се многу опасни во такви ситуации. Ќе пробаме да победиме, па ќе видиме што ќе биде“, вели Клоп.