Ливерпул утре ќе бара реванш против Челзи за поразот од пред два дена во Карабао купот, но „црвените“ може да играат без нивниот организатор на одбраната, Вирџил ван Дајк. Во пресрет на дербито, менаџерот на Ливерпул, Јурген Клоп, истакна дека Холанѓанецот нема да игра доколку не е физички подготвен. Дефанзивецот не тренирал денеска, па дури утре Клоп ќе одлучи дали ќе го стави во почетниот состав.
„Вирџил ќе игра само ако е фит, но доколку не се подготви, имаме и други адекватни замени. Очигледно е дека Ван Дајк е исклучително важен за нас да настапи на секој меч, но тоа не значи дека треба да го форсираме. Игравме добар фудбал и пред да дојде во Ливерпул, сега покажуваме уште подобри игри со него, а јас преферирам, пред сѐ, тој да биде свеж“, вели Клоп.
Сега Челзи ќе ја има улогата на домаќин, а мечот е предвиден за утре, со почеток од 18.30 часот.