Ливерпул по девет лигашки натпревари, вчера првпат загуби од Манчестер јунајтед во големото дерби кое се одигра на „Олд Трафорд“, по кое Црвените од Мерсисајд останаа без триумф и по три кола во Премиер лигата за катастрофален старт на сезоната за тимот кој го предводи Јирген Клоп.
Германскиот стратег беше видно незадоволен од резултатот, но не и од тоа како одиграа неговите избраници бидејќи според него, Ливерпул требало да се радува на трите бода.
„Играчите на Јунајтед почнаа агресивно и покажаа дека се подготвени за дербито, тоа е реалноста, подобро подготвени беа од нас. Ние сепак ја контролиравме играта, се додававме пред противничкиот шеснаесетник и немавме завршен потег. Во тие моменти примивме гол. Да игравме за нијанса подобро, ќе победевме, знам дека звучи апсурдно, но заслуживме да ги освоиме бодовите“, посочи Клоп по натпреварот.
По три натпревари, Ливерпул се наоѓа во долниот дел од табелата, на 16-тото место само со два освоени бода, додека Јунајтед се подобри на 14-тата позиција со бод повеќе од ривалот.