Дури четири клуба кои низ историјата на УЕФА стигнале до титулата европски првак, синоќа беа елиминирани уште во првата фаза од Лигата на Европа. Со европските мечеви се збогуваа Ајакс, Бенфика, Порто и Селтик, а беше елиминиран и англискиот гигант Арсенал, кој има финале во ЛШ.
Еден од највозбудливите дуели синоќа беше тој во Истанбул, каде што турскиот Башакшехир го елиминираше Спортинг. Португалците имаа предност од 3:1 по првиот меч, но во Истанбул ги пречека пекол. Иако не играше некој од великаните, Галатасарај, Бешикташ или Фенербахче, фановите на Башакшехир покажаа дека има и четврт голем клуб во овој град.
Од каде во Истанбул се појави нов голем клуб што им ги замрсува сметките на клубовите од Големата тројка, а покажува дека и во Европа може да биде конкурентен? Истанбул Башакшехир е клуб кој е формиран само пред 30 години, односно во 1990 година. Беа формирани како маалски клуб чиј сопственик беше една фирма за дистрибуција на вода во една општина во Истанбул.
ТОЈ Е ОМИЛЕН КЛУБ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЕРДОГАН
Тимот полека растеше, одеше чекор по чекор во повисок ранг на натпреварување, а потегот кој го крена Башакшехир во врвот на турскиот фудбал беше одлуката на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, да формира „провладин“ клуб. Ердоган бил поранешен полупрофесионален фудбалер, кој го сака спортот, па најмногу благодарение на тоа се создаде голем Башакшехир, клуб кој првпат заигра во Супер лигата во 2007 година, но беше нестабилен и знаеше да испадне во втората лига.
Група бизнисмени кои се блиски до владејачката Партија за обнова и развој (АКП) решија да инвестираат во Башакшехир и не згрешија. Клубот се врати во Суперлигата во 2013 година и оттогаш е меѓу најдобрите во земјата. Само за четири години по враќањето во елитата, односно во 2017 година, Башакшехир заврши како вицепрвак, а тоа се случи и во 2019 година. Сезонава, моментно Башакшехир е лидер во турското првенство и се надева дека по две втори места, конечно ќе стигне до историскиот прв шампионски пехар.
ИМААТ ЧЕТИРИ ЅВЕЗДИ КОИ ЗАД СЕБЕ ВО КАРИЕРИТЕ ОДИГРАЛЕ НАД 30 СЕЗОНИ ВО ТОП 5 ЛИГИТЕ
Финансиите не се проблем во Башакшехир, а дека овој клуб е атрактивен, потврдува и фактот дека во составот имаат неколку фудбалски ѕвезди кои играле во Премиер лигата. Мартин Шкртел, кој девет години го носеше дресот на Ливерпул, сега е столб во одбраната на Башакшехир. На бековската позиција во тимот е и Гаел Клиши, кој зад себе има поминато осум сезони како играч на Арсенал и шест сезони во дресот на Манчестер сити. Клиши сега ја игра третата сезона во дресот на турскиот тим.
Нападот делува страшно по имињата на фудбалерите кои ги имаат. Тука е Бразилецот Робињо, кој некогаш беше најголемата надеж на светскиот фудбал. Робињо носи големо искуство со играњето во гиганти како Реал Мадрид и Милан, а беше дел и од Премиер лигата во тимот на Манчестер сити.
Од играчите кои биле во Англија, тука е и Демба Ба. Некогашниот напаѓач на Челзи, Њукасл и Вест хем сигурно е голема помош во обидот да се стигне до титулата во Турција, но и што е можно подалеку во Европа. Меѓу напаѓачите е и Холанѓанецот Елија, кој има настапи за Јувентус, Хамбургер, Вердер, Саутхемптон и Феенорд.
НА ПРАГОТ СЕ ДА ГО ОСТВАРАТ СОНОТ ВО ТУРСКОТО ПРВЕНСТВО
Заедно со уште неколку одлични фудбалери, Башакшехир создаде тим кој може да го елиминира и поранешниот европски првак Спортинг, но и да се бори за титулата во Турција.
Во досегашното 60-годишно постоење на турското првенство, Галатасарај има 22 титули, Фенербахче освои 19, а Бешикташ 15. Единствени кои се вмешале во „шампионските води“ се Трабзонспор со шест титули и Бурса, која во 2010 година стана првак. Ако Башакшехир успее да стигне до тронот, тоа ќе биде само шестиот клуб во турското првенство со шампионски пехар.