Бодо/Глимт е тимот кој е вистинска сензација во Лигата на шампионите. Норвешкиот првак за првпат се избори да биде дел од елитното друштво и испишува вистинска фудбалска бајка. Со две победи во последните две кола, и тоа над Манчестер сити (дома 3:1) и над Атлетико Мадрид (гости 1:2), Бодо/Глимт се избори да игра во плејофот, каде што го доби италијанскиот гигант Интер.
Нераѕурите минатата сезона играа во финалето на ЛШ, а во средата на гости кај Бодо/Глимт беа немоќни и загубија со 3:1, па сега ќе имаат тешка задача во реваншот на свој терен да ја анулираат оваа негатива.

Многумина се чудат кој е овој тим Бодо/Глимт и како успеа за помалку од еден месец да ги победи Манчестер сити, Атлетико Мадрид и Интер. Интересно е дека Бодо/Глимт само пред девет години играше во втората лига на Норвешка и ѝ беше непознат на пошироката фудбалска јавност. Откако озбезбедија место во елитното норвешко друштво, во првата сезона, едвај успеаја да се спасат да не испаднат.
Растот на Бодо/Глимт започна во 2020 година, кога ја освоија првата титула во клупската историја. Тоа само беше најава за доминацијата на жолто-црните, кои беа државни прваци и во 2021, 2023 и 2024 година. Претходно во клупските витрини имале само два пехари, и тоа освоени во Купот на Норвешка во 1975 и 1993 година.

Дека е клуб кој прави неверојатен фудбалски скок, Бодо/Глимт покажа минатата сезона, кога стигна до полуфиналето во Лигата на Европа, кога беа елиминирани од Тотенхем. Англискиот тим потоа го освои и трофејот во ова натпреварување.
Сезонава Бодо/Глимт се избори за место во ЛШ и таму прави чуда, а сега има реални шанси да игра и во осминафиналето и да го елиминира Интер, но сепак за тоа му се потребни уште 90 добри минути на „Џузепе Меаца“.
На клупата на Бодо/Глимт од 2018 година е Кјетил Кнутсен, а интересна е неговата филозофија никогаш да не кажува неколку клучни зборови. Од 2019 година досега Кнутсен во ниту едно интервју ниту еднаш не го изговорил зборот „победа“, но и уште неколку други зборови.
„Го променивме менталитетот на клубот. Тоа е клучот на успехот. Нашиот тренер Кјетил Кнутсен го нема изговорено зборот „победа“ уште од февруари 2019 година. Проверете ги сите негови ТВ-интервјуа. Никогаш тоа не го кажува. Зборовите „победа“, „успех“, „неуспех“, „бодови“ се зборови кои не ги користиме во нашиот клуб“, открива спортскиот директор на Бодо/Глимт, Орјан Берг.

