Мнозинството прволигашки кошаркарски клубови го прифатија предлогот на Федерацијата за промена на системот на натпреварување, само МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер имале делумни забелешки (тие барале во плејофот да разигруваат првопласираните шест екипи (наместо предложените осум) од регуларниот дел на оваа натпреварувачка сезона.
На следната седница на Управниот одбор предлогот треба да биде прифатен.
По завршувањето на лигашкиот дел од 22 кола, нема да има Суперлига со шест тима, туку веднаш се почнува со плејоф, и тоа со осум тима кои ќе разигруваат во „балон“ кој ќе го организира Федерацијата и сите трошоци ќе бидат на товар на КФСМ. „Балоните“ кои ќе бидат во четири одвоени турнири, би се играле од 17 мај до 10 јуни, кога најдоцна би го имале шампионот за сезоната 2020/21.
Плејаут ќе има со учество на четирите последнопласирани екипи во регуларниот дел од сезоната. Ќе испаднат две екипи.
Финалниот турнир од националниот Куп ќе се одржи во средината на мај, веднаш по завршувањето на првиот дел од Првата лига.