Вообичаена пракса беше после секое одиграно првенствено коло, Фудбалската федерација на Македонија на својот веб-сајт да ја објавува судиската анализа. Последниот викенд, во кој се одиграа 17-тото прволигашко и 15-тото второлигашко коло се случија неколку скандалозни одлуки.
„Школски“ пенали не беа досудени во корист на Македонија ЃП и Тетекс, на дуелите против Гостивар, односно Башкими, но и смешно поништен погодок за Брегалница во последните секунди од дуелот против Струга.
Сепак, 13 дена од последното прволигашко коло, односно 14 дена од второлигашките мечеви, ФФМ не се одважи да ја објави судиската анализа, иако и доколку го стори тоа, клубовите имаат мала сатисфакција, а секако дека недостигаат и отценките на судиите за сите натпревари, но и казните за оние кои направиле грешки.
За (не)намерното необјавување на судиската анализа денес реагираа и од тетовскиот второлигаш Тетекс, од каде во драматичното соопштение меѓудругото велат: „… ЌЕ БИДЕМЕ ПРИМОРАНИ ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ НА НАШ НАЧИН И ДА ГО ПОКАЖЕМЕ ДРУГО ЛИЦЕ НА ПРЕОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ КОИ САМО ВИЕ ЌЕ БИДЕТЕ ВИНОВНИЦИ…!“
За воља на вистината, ФФМ на последната седница на УО која се одржала во Кичево донела одлука за итно воведување на ВАР-системот, но тоа е само информација кој е пренесена од одредени медиуми, а ФФМ и во овој случај не се одважи да ја информира јавноста какви одлуки биле донесени на седницата во Кичево, иако претходно редовно го правеше тоа.