Поради пандемијата од Коронавирусот и двомесечното стагнирање на фудбалот, голем број на клубови трпат огромни финансиски проблеми. Во некои земји веќе се појавија случаи на клубови кои прогласија банкроти и едноставно се откажаа од натпреварувањето.
Одборот за итни прашања на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) донесе одлука доколку во иднина се случи некој клуб да го напушти натпреварувањето, неговото место ќе му припадне на оној клуб кој ќе понуди најмногу пари, односно да си го купи тоа место.
Единствениот услов за купување на испразнетото место е клубот да игра во лига која е само едно ниво послабо рангирана. Тоа значи дека ако некој клуб се откаже од Супер лигата, сите второлигаши ќе имаат право да наддаваат за таа позиција.
„Кога ќе се појави слободно место, стручната служба ќе објави јавен повик за поднесување на понуда на клубовите кои ќе сакаат да го купат тоа место. Рокот за понуда ќе биде меѓу два и пет дена од моментот на јавниот повик. Понуди може да поднесат сите клубови кои се дел во еден степен пониско натпреварување во однос на лигата во која се појавило слободното место. Во понудата мора да стои паричниот износ кој се нуди за тоа место. Клубот кој ќе понуди најмногу пари, ќе добие можност да игра во лига за еден ранг посилна“, стои во објаснувањето на новата одлука од ФСС
Ќе биде интересно дали ова правило ќе се искористи уште ова лето затоа што се шпекулира дека Супер лигата во Србија ќе биде проширена и наместо досегашните 16 екипи, ќе треба да брои 20 клубови.