Горан Пандев ќе има интересна и многу неизвесна седмица, а за него возбудувањата почнуваат утре, кога како сопственик на Академија Пандев ќе стиска палци да се освои првата значајна титула во кусата клупска историја.
Академците ќе играат финале на Македонскиот куп против Македонија Ѓорче Петров и ако успеат да победат, ќе се закитат со првиот пехар. Мечот ќе се игра утре, од 18.30 часот на националната арена „Тоше Проески“.
Струмичани веќе прославија голем успех бидејќи со освојувањето на третото место во домашното првенство, за првпат ќе играат во Европа, во квалификациите за Лигата на Европа, а куп-титулата би била како шлаг на успешната сезона.
Во недела повторно капитенот на македонската репрезентација ќе трепери, овојпат за Џенова, клубот за којшто настапува во Серија А.
Пандев и соиграчите бијат последна и одлучувачка битка за опстанок против Фиорентина, а не се сигурни дека ќе останат во Серија А дури и со победа во Фиренца.
Во најдобрата варијанта за нив, на гостувањето кај Фиорентина би им бил доволен и еден бод, ако Интер го победи Емполи. Во таков случај би имале еднаков број бодови со Емполи, по 38, но Џенова има подобар меѓусебен скор и би го продолжила прволигашкиот престој во елитната фудбалска лига на Чизмата.
Варијанти има многу, а едно е сигурно, Пандев ќе има исклучително возбудлива седмица која е во тек, со два главни настани за него – утре финалето на Македонскиот куп и во недела последното коло за оваа сезона во Серија А.