Целата клупа на Баерн заедно со играчите на теренот направија шпалир за да му честитаат на голгетерскиот подвиг на Роберт Левандовски, кој од денес е втор играч во историјата на Бундеслигата со 40 погодоци во една сезона.
Полскиот бомбардер со пенал во 26-тата минута на гости кај Фрајбург го израмни рекордот на Герд Милер поставен во сезоната 1971/72, па во последното коло ќе има прилика да стане апсолутен рекордер доколку забележи барем уште еден гол.
Баерн на крајот ремизираше кај Фрајбург при конечни 2-2, откако домаќините двапати се вадеа од негатива, а Гунтер во 82-та минута го постави конечниот исход.
Дарко Чурлинов во меѓувреме играше триесетина минути во пресвртот на Штутгарт на гостувањето кај Гладбах со 2-1. Чурлинов влезе при резултат од 1-0 во корист домаќините, по што Ендо и Стенцел од 72-та до 77-та минута го свртеа резултатот.
Останати резултати 33-то коло Бундеслига:
Арминија 1-1 Хофенхајм, Аугсбург 2-0 Вердер, Леверкузен 1-1 Унион, Херта 0-0 Келн, Шалке 4-3 Ајнтрахт.