Коби Брајант, кој беше амбасадор на неодамна завршеното Светско првенство во Кина, полуфиналето на Мундобаскетот го гледаше во друштво на Емануел Џинобили, чија Аргентина играше финале. Коби и Ману беа големи ривали како играчи, а сега се кошаркарски пензионери и може само да раскажуваат како им било додека играле.
Брајант, кој со Лос Анџелес лејкерс освои пет шампионски прстени, вели дека Џинобили и неговиот Сан Антонио спарс се причина што Коби не освоил двојно повеќе титули во НБА. Лејкерс со Брајант и Спарс со Џинобили четири пати играа едни против други во плејофот, а билансот беше 2-2.
„Беше убаво да се гледа меч во друштво на Ману. Јас и тој на ист начин ја гледаме кошарката, на многу аналитички начин. Сега веќе не играме еден против друг, па можеме да зборуваме за тактиката“, вели Брајант.
Американецот даде и интересно мислење околу Џинобили и ривалството со Спарс.
„Малку и му се лутам на Ману. Да не играше тој во НБА, сега ќе имав 10 титули. Тој ми беше еден од омилените кошаркари, голем натпреварувач, екстремно интелигентен“, рече Брајант, кој освои пет, а Џинобили четири титули во најсилната лига на светот.