Златан Ибрахимовиќ и Ромелу Лукаку се главните адути на Милан, односно Интер во вечерашниот куп-дуел, а тие двајца имаат неколку заеднички нешта. И Златан и Ромелу пораснаа во населби каде што живеат сиромашни луѓе, беа соиграчи во Манчестер јунајтед, а сега се ривали.
Иако имаа слично детство, имаше една разлика, имигрантското дете Лукаку веднаш беше прифатен во Белгија, додека Ибра, чие потекло е од Босна и Херцеговина, самиот призна дека се мачел да стане Швеѓанец и дека како дете сакал да биде прифатен од државата во која е роден.
Сега двајцата се големи фудбалски ѕвезди, играат на иста позиција, но играат за ривалски клубови и радуваат различни фанови во градот Милано.
Еден од навивачите на Милан беше и екскошаркарот Коби Брајант, кој детството го мина во Италија, каде што неговиот татко професионално играше кошарка. Денеска се навршува една година од трагичната смрт на Коби која го шокираше светот.
Росонерите денеска преку социјалните мрежи му посветија еден омаж на Коби.