Легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев, како едно од најголемите имиња во историјата на Црвена ѕвезда, за српските медиуми во пресрет на дуелот на Ѕведа со Пафос од баражот за влез во ЛШ, се потсети на натпреварот што го одигра во дресот на Ѕвезда против кипарски Аполон во 1991 година, но предупреди дека сега кипарските тимови не се за потценување.
„Се сеќавам првиот меч го игравме дома против Аполон, победивме лесно со 3-1, победивме и таму без никакви проблеми со 2-0. Во тоа време, југословенскиот фудбал беше навистина добар, лигата беше многу посилна од кипарската лига. Ние како тим и остатокот од Југославија бевме среќни кога добиваа противници од Швајцарија, Австрија, а исто така и од земји како Грција, Кипар и Турција. Тоа беше реалноста. Сега сето тоа веројатно се промени, фудбалот многу се израмни, особено по распадот на Југославија“, вели Панчев за српските медиуми, па се осврна и на Пафос.
„Пафос е непознаница за нас. Гледам дека постојат само 11 години. Кога постоите како клуб 11 години и веќе имате одредени успеси, тоа е показател дека сопственикот, кој е Русин, е многу сериозен во врска со изградбата на моќен тим што ќе игра значајна улога во Европа. Мора да бидете внимателни, мора да знаете дека тие се добар тим, на крајот на краиштата, воопшто не е лесно да се исфрли Динамо Киев, но се надевам дека Ѕвезда, која има поголемо име, поголема традиција, на крајот ќе успее повторно да влезе во Лигата на шампионите“, додава Кобрата.