Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, смета дека среќата му го свртела грбот на неговиот тим, но вина има и во падот на концентрација во одбраната во последните три минути, кога гостите од Словенија ги реализираа речиси сите напади.
„Многу отворени шутеви утнавме во првиот дел, игравме во грч, сакавме да играме бавни напади за да ги забавиме противниците, делумно успеавме, но и ние не се снајдовме во таа игра. Потоа повторно ни се случи како на гостувањето во Копер. Одлично второто полувреме, имавме победа, но во последните три минути направивме многу големи грешки. Немавме среќа на крајот, чист зицер е утнат, но нема време за жалење, имаме тешко гостување кај Ловќен во следното коло и ќе се фокусираме на тој меч“, изјави Кочов.
За Словенците, победата над директниот ривал за првото место е важна од психолошка точка.
„Знаевме дека ќе биде тешко, дерби е, двата тима се фаворити. Добро ја контролиравме играта во првото полувреме, во второто погодивме некои шутеви, а на крајот имавме и среќа“, изјави јунакот Жан Марк Шишко, кој го погоди клучниот кош.
Тренерот Јурица Големац рече дека контролирале поголем дел од средбата и затоа победата им е заслужена, но бидејќи до крајот на сезоната има уште доста, не сакаше да каже дека работата околу освојувањето на првото место е завршена.