МЗТ Скопје Аеродром и Работнички со хуманитарни активности се загреваат за првата меѓусебна пресметка сезонава, а и на кошаркарски план веќе почнуваат да се фокусираат за она што ги чека во понеделник, од 20.15 часот, во „Јане Сандански“.
Работнички изминатиот викенд беше слободен, па има две недели за подготовка за дербито, а за да не излезат од ритам, се погрижија на егзибициски хуманитарен меч со ветераните и дел од легендите на клубот од „Градски парк“.
МЗТ играше во втората АБА лига и извлече победа на гостувањето кај Вршац. По триумфот во северниот дел на Србија, „металците“ беа задоволни, иако требаше полесно да ја завршат работата.
„Мечот имаше огромно резултатско значење бидејќи амбиција ни е да се избориме за првите четири места кои водат во плејофот, а немавме победа на гостински терен. Противникот не се предаде ниту на разлика од минус 20. Се играше отворена кошарка, немавме решение за пик енд рол играта на Вршац, но задоволен сум од победата, која ни дава самодоверба пред дербито со Работнички“, изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.