Најпопуларниот ММА борец, Хабиб Нурмагомедов по повеќе од една година пауза, вечерва повторно се враќа во октагонот. Рускиот борец има феноменална кариера во која на 28 меча има исто толку победи. Досега не се најде јунак што може да го победи Хабиб, а Американецот Џастин Гејџи е неговиот денешен противник. Оваа борба ќе биде главен настан на УФЦ 254 изданието кое ќе се одржи во Абу Даби, а по македонско време се планира шоуто да започне околу 23 часот.
„Мојата прва цел е да стигнам до 30 победи по ред. Можеби тоа ќе биде првиот момент кога и ќе се повлечам. Тие 30:0 би звучеле навистина импресивно. Така ќе бидам Флојд Мејведер во ММА, кој кариерата ја заврши со 50 победи и ниту еден пораз. Блиску сум до таа цел и се надевам дека ќе ја остварам, а потоа ќе видиме што понатаму“, рече Нурмагомедов, кој нема многу дилеми и е самоуверен дека ќе победи вечерва.
„Ќе го победам Гејџи, ќе победам уште неколку момци и тоа ќе биде тоа. моето име засекогаш ќе биде запишано во историјата. И за 50 години луѓето кои ги сакаат боречките спортови ќе зборуваат за мене“, вели непобедливиот шампион.
Гејџи неочекувано се најде на мегдан со Хабиб. Во мај годинава, тој успеа да го победи Тони Фергусон, кој требаше да биде ривалот на шампионот. Сега, Американецот кој има 22 победи и два порази во кариерата ќе се обиде да влезе во историјата како прв што успеал да го победи Хабиб Нурмагомедов, иако коефициентите во Sport Life даваат голема предност на рускиот борец.