Кака, Кристијано Роналдо и Карим Бензема во летото 2009 година го засилија Реал Мадрид, а заедничко за нив тројца е што биле освојувачи на Златната топка додека им бил тренер Карло Анчелоти.
Прв играч кој беше Златна топка играјќи за Анчелоти беше Андриј Шевченко во 2004 година. Тогаш Украинецот беше прв стрелец во Серија А и им помогна на Росонерите да ја освојат титулата, додека во Лигата на шампионите стигнаа до четвртфинале.
Втората Златна топка под водство на Дон Карло беше Кака во 2007 година. Бразилецот го одведе Милан до европска титула и беше прв стрелец во ЛШ.
Седум години подоцна, во 2014 година, Анчелоти како тренер на Реал Мадрид ја освои титулата во ЛШ, а Кристијано Роналдо ја доби Златната топка благодарение на импресивните 51 гол на 47 меча во сите натпреварувања, од кои 17 во ЛШ.
Бензема во минатата сезона на 12 меча даде 15 гола во елитното европско натпреварување и заслужено ја доби Златната топка.