Луис Дијаз имаше деби во дресот на Баерн Минхен како што може да се посака. Колумбискиот репрезентативец даде гол во Суперкупот на Германија, а Баерн Минхен го освои трофејот.
Првиот гол што го постигна во дресот на Баерн, Дијаз го посвети на трагично загинатиот Диого Жота со кого беа соиграчи во Ливерпул. Со овој потег, Дијаз малку ги намали лошите реакции кои ги доби поради неговото однесување во моментите на трагедијата кога загина Жота.
Додека сите останати соиграчи пристигнаа во Португалија на погребот на Жота и неговиот брат Андре, Дијаз беше на забава во Колумбија. Поради овој негов потег, голем дел од навивачите на Ливерпул збеснаа и кога дојде време Дијаз да си замине од Ливерпул, сите беа согласни дека тој треба да си оди.
Сега, Дијаз прв пат јавно зборуваше за трагедијата на Жота.
„Сето ова беше толку брутално. Факт е дека веќе не е со нас и дека загубивме неверојатен соиграч. Уште не можам да верувам дека е така. Никој од нас не беше подготвен да добие таква вест. Тој беше навистина одличен соиграч кон мене“, рече Дијаз за Жота.