Кога е здрав и фокусиран, Марк Маркез нема конкуренција

Осумкратниот светски шампион во Мото ГП, Марк Маркез, победи на трката за големата награда на Сан Марино и Римини.

Откако минатиот викенд триумфираше во Арагон за да стави крај на скоро тригодишниот пост, Шпанецот кој вози за Гресини рејсинг, ја забележа втората последователна победа.

Втор беше актуелниот светски шампион Франческо Бањаја од Дукати, кој заостана три секунди. На Маркез не му попречи ниту дождот кој почна да врне пред почетокот на трката и се засили по неколку круга. Тоа го израдува Шпанецот, кој се проби, во еден круг претекна дури петмина ривали, и ја искористи првата можност да поведе пред Бањаја, што му го донесе триумфот.

Маркез во последните сезони имаше сериозни проблеми со раката, која неколку пати ја оперираше. Сега кога е здрав и сконцентриран покажува дека е еден од најдобрите досега.

Следната трка ќе се вози на истата патека, но за Големата награда на Емилија Ромања.

- Оглас -

Најнови вести