Екипата на Интер Мајами се пласира во полуфиналето на Лига купот откако со 2:1 славеше над мексиканскиот Тигрес. Поради ситна повреда на мускулот на ногата, во составот на Интер Мајами го немаше Лионел Меси, па јасно беше дека најголемиот товар треба да го преземе Луис Суарес.
Уругвајскиот голтетер на крајот е херојот на мечот постигнувајќи ги двата погодоци за Интер Мајами. Суарес прво погоди за 1:0 во 23-тата минута, и тоа со удар од белата точка. Тигрес израмни во 67-мата минута, но во финишот на средбата повторно на сцена стапи Суарес.
Во 89-тата минута беше досуден втор пенал за Интер Мајами, а Суарес повторно ја презеде одговорноста да шутира и повторно погоди, овојпат за 2:1 и пласман на неговиот тим во полуфиналето на Купот.