Пред нешто повеќе од една година, Лионел Меси го оствари можеби најголемиот фудбалски сон во кариерата и стана светски првак со неговата Аргентина. За Аргентина ова беше трет мундијалски пехар, а Меси со капитенската лента на раката имаше чест прв да го крене највредниот трофеј во светот на фудбалот.
По завршување на Мундијалот во Катар, постоеше опција Меси да ја заврши репрезентативната кариера, но Лео реши дека сака уште да игра и да го предводи тимот на следната Копа Америка. Сепак, фактот дека Меси веќе има 36 години е доволно да се знае дека нема уште долго тој да биде во репрезентацијата на Аргентина.
Токму затоа, претседателот на аргентинската федерација Клаудио Тапија даде идеја дресот со бројот 10 да биде повлечен од репрезентацијата и тоа тогаш кога Меси ќе се повлече.
„Кога Лео ќе се збогува од репрезентацијата веќе никој нема да може да го носи дресот со бројот 10. Тоа е најмалку што можеме да направиме за него“, вели Тапија.
Неодамна Меси најави дека уште не е сигурен околу тоа дали би бил во врвна форма за да може да игра и на Мундијалот во 2026 година во САД, Мексико и Канада.