До пред само неколку години, противниците на „Олд Трафорд“ доаѓаа само со една цел, а тоа е што помалку гола да примат и да заминат со пристоен пораз. Но тоа се смени во оној момент кога од тренерската клупа си замина легендарниот Сер Алекс Фергусон.
По заминувањето на Ферги, не се најде тренер кој ќе може барем приближно да ги оствари неговите резултати. Веќе и никој не се плаши од Манчестер јунајтед, и тоа на „Олд Трафорд“. Дека секој може да си замине со победнички кренати раце, потврди Барнли. Екипата на која главна цел ќе ѝ биде да обезбеди опастанок, го победи Манчестер со 2:0.
Гостите упатија само два удари кон голот на Давид де Хеа и двата завршија во мрежата. Џабе беше Манчестер што имаше над 70 отсто посед на топката и 24 шута кон противничкиот гол, кога навивачите на Црвените ѓаволи ниту еднаш не се израдуваа. Во 12 меча пред своите навивачи, Манчестер сезонава се израдува само шестпати, а фановите синоќа покажаа дека е доста.
Уште во средината на второто полувреме започна празнење на трибините. Стадионот познат како „Театарот на соништата“ полека но сигурно станува кошмар за фановите на Манчестер, а тие не се научени на такво сценарио. Затоа „Олд Трафорд“ почна да зјае празен, а навивачите го започнаа својот бојкот, посебно против сопствениците од семејството Глејзер.
На трибините се скандираше „Вратете ни го Јунајтед“ и „Станете ако ги мразите Глејзерс“ кога сите гледачи на трибините беа на нозе. Американската фамилија Глејзерс е доминантен сопственик на Манчестер од 2005 година, а навивачите постојано негодуваат против гсопствениците, но овојпат се чини дека бојкотот ќе биде најголем.