Во мечот на кој Македонија требаше да одигра најдобро и да се избори за пласман во главната фаза од Европското првенство, нашите ракометари беа очајни. Домаќинот Австрија во текот на сите 60 минути беше подобар и на крајот заслужено ја победи Македонија со 32:28, што значеше и елиминација на нашата репрезентација.
Фактот дека Македонија во ниту еден момент на средбата не поведе, а во 37 минута имаше дури 11 гола негатива (24:13), доболно зборува за очајната игра на ракометарите. Со ваква игра не ни заслужија да бидат дел од најдобрите 12 во Европа.
Многу промашени зицери, млака игра во одбраната и расположените играчи на Австрија беа главна причина за високиот пораз вечерва. Стојанче Стоилов со пет гола беше најефикасен во нашиот тим, додека по три гола дадоа капитенот Лазаров, Кузмановски, Георгиевски, Маџовски, Пешевски и Поповски. Сега останува да видиме како ќе заврши мечот меѓу Украина и Чешка, на кој треба да навиваме за Чесите, за да не завршиме како последни во групата.
АВСТРИЈА ОД САМИОТ СТАРТ ПОКАЖА КАКО СЕ ИГРА
Домаќините уште од самиот почеток покажаа дека се подготвени да победат. Започнаа храбро и поведоа со 4:1. Потоа следуваше серија од 3:0 за Македонија за 4:4, но тоа беше последен пат кога израмнивме. Австрија повторно поведе со 6:4, а потоа во два напади едно по друго Филип Кузмановски не успеа да погоди од зицер ситуации, што ќе донесеше ново израмнување.
Во овој дел од мечот, нашите ракометари не знаеја да ја искористат ниту кога имаа играч повеќе, па Австрија во 19 минута за прв пат поведе со четири гола (10:6). Беше 13:10 за Австрија, кога во само две минути домаќините со три брзи гола од контра напади стигнаа до 16:10 во 26 минута, а потоа Манасков и Стоилов промашија зицери, за Австријците повторно да казнат за предност од 18:10.
ОЧАЕН СТАРТ НА ВТОРИОТ ДЕЛ ЗА КРАЈ НА НАДЕЖИТЕ
Во второто полувреме го имавме првиот напад и наместо да започнеме жестоко, дозволивме Австрија да отвори фуриозно. Со серија од 6:1, во 37 минута беше 24:13 за домаќините и тука веќе беше завршена приказната околу евентуалните шанси на Македонија за пласман во групната фаза од ЕП.