Кој е крив за голот со кој Милан победи? Еден играч на Лацио се смее, друг „збесна“ (Видео)

Милан направи голем пресврт на гостувањето кај Лацио и победи со 2:1 на „Олимпико“, по што се врати на чело на табелата во Серија А. Росонерите се во „мртва трка“ со градскиот ривал Интер и единствени два кандидати за титулата.

Дуелот во Рим беше драматичен. Лацио водеше со 1:0, а Милан со гол во 93 минута стигна до победа од 2:1. Неколку лоши реакции на домашната одбрана претходеа на голот за победа на Росонерите.

Најпрво Адам Марушиќ одигра лошо додавање и овозможи гостите да упатат центаршут пред петерецот на Лацио, а таму Франциско Акерби со глава лошо интервенираше, топката дојде до Ибрахимовиќ, кој асистираше до Тонали за погодокот.

По тој гол, Акерби беше забележан како се смее, а Марушиќ лут дојде до него и го обвини за примениот гол. „Го*но едно ти си виновен за голот“, викаше Марушиќ.

По мечот, многу навивачи на Лацио го обвинија Акерби за поразот, па фудбалерот преку социјалните мрежи порача: „Сега е доста. Секогаш сум го давал најдоброто за овој клуб и горд сум на освоените трофеи во боите на овој дрес. Насмевката беше саркастична поради начинот на кој останавме без бодови. Секако дека не сум среќен поради поразот“, порача Акерби.

Лацио со поразот остана на два бода зад градскиот ривал Рома, која е на петото место во Серија А.

- Оглас -

Најнови вести