Реал Мадрид неубедливо ја започна одбраната на титулата во Примера откако синоќа одигра без голови на гостувањето кај Реал Сосиедад. Шампионот играше само со еден класичен напаѓач, и тоа Карим Бензема, додека младите Одегар, Родриго и Винисиус требаше да му бидат помош од позадина. Сепак, офанзивниот дел не функционираше како што треба, па тренерот Зинедин Зидан реши во игра да внесе и еден дебитант.
Марвин Парк е 20-годишен талентиран фудбалер кој игра во офанзивниот ред и доаѓа од младинскиот тим на Реал Мадрид. Релативно непознатиот фудбалер доби шанса во последните 20 минути да се промовира во Примера дивисион, но не успеа да има деби од соништата.
Сепак, Марвин покажа дека има квалитет да игра во голем клуб. Тој е дел од репрезнетацијата на Шпанија за играчи до 19 години, а минатата сезона со Реал Мадрид се радуваше на младинската титула во Лигата на шампионите. Во сите натпреварувања во ланската сезона даде четири гола, а имаше и четири асистенции во 33 натпревари.
Роден на Балеарски Острови, од татко Нигериец и мајка од Јужна Кореја, Парк е интересен дури за три репрезентации. Засега е дел од шпанската младинска селекција, но може да се премисли додека не заигра во сениорскиот состав.
Парк тренира фудбал уште од шест години, а како деветгодишно дете заминал во Англија и три години помина во школата на Транмере. Потоа повторно се враќа во Шпанија и игра за локални екипи, кога во 2016 година доби покана да дојде во академијата на Реал Мадрид.
Минатата сезона се промовираше во стандарден во младинскиот тим на Реал, а беше стартер и во финалето на ЛШ, кога со 3:2 ја победија Бенфика. Актуелниот договор со Реал му е до јуни 2021 година, но ако се покаже оваа сезона, сигурно ќе остане уште долго време на „Сантијаго Бернабеу“.