Роберт Левандовски, 36-годишниот напаѓач на Барселона, по 12-ти пат е прогласен за најдобар фудбалер на Полска. Признанието за 2024 година му беше доделено во традиционалната анкета на магазинот „Пилка Ножна“, која се организира од 1973 година.
Левандовски првпат ја освои наградата во 2011 година и оттогаш речиси секоја година е неприкосновен во изборот. Единствените двајца играчи што ја прекинаа неговата доминација се голманот Лукаш Фабијански (2018) и Пјотр Зјелински (2023).
Во рамките на истото доделување, најдобра фудбалерка на Полска за 2024 година беше избрана Ева Пајор, која исто така настапува за Барселона.
Полскиот шампион Јагелонија, каде што настапува Дарко Чурлинов, е прогласен за тим на годината, а двајца фудбалери од овој тим добија индивидуални награди, Тарас Романчук како најдобар играч и Хесус Имас како најдобар странец во полското првенство.
Тренерот на Јагелонија, Адријан Семенец, ја доби наградата за најдобар тренер.