Килијан Мбапе му постави услов на својот клуб за да потпише нов договор, а доколку управата на ПСЖ навистина сака да го задржи светскиот првак, ќе мора да го прифати. Имено, Мбапе побарал во новиот договор да му биде поставена клаузула од 222 милиони евра, па доколку се најде клуб што ги сака неговите услуги, мора да го плати целиот износ без да преговара со Светците.
Сумата е еднаква на вредноста на трансферот на Нејмар при преселбата од Барселона во ПСЖ, со која се постави нов светски рекорд. Мбапе така би застанал рамо до рамо со Бразилецот во случај клаузулата да се активира. Инаку, раководството на францускиот првак изготви нов договор за Мбапе, според кој ќе зема иста плата колку и Нејмар, но очигледно не е доволно да му се покачат примањата.
Во случај двете страни да се согласат на овие услови и Мбапе да потпише нов договор, Реал Мадрид ќе мора целосно да го одврзе ќесето за да ги добие неговите услуги. Не е тајна дека Кралевите силно го посакуваат Мбапе на „Сантијаго Бернабеу“, а се чини дека сè повеќе се оддалечуваат од него.