Екснапаѓач на Марсеј истакна дека го советувал Марио Балотели да ја прифати понудата од Марсеј во зимскиот преоден рок. Италијанскиот голгетер во јануари ја напушти Ница и се пресели на „Велодром“, по совет на Дидие Дрогба, пензионираниот фудбалер кој во сезоната 2003/04 ги бранеше боите на францускиот тим.
„Среќен сум за Балотели. Од моментот кога стана слободен агент го советував да ја прифати понудата на Марсеј, и тој ме послуша. Сметав дека тоа е прилика која мора да ја искористи, му посочив дека Марсеј е добар клуб за него. Мојот совет се покажа како вистински потег, Марио ја врати голгетерската форма“, истакна Дрогба.
Балотели непосредно по потпишувањето со Марсеј, стана клучен играч на тимот. Во седум првенствени меча постигна пет гола, но голгетерската низа не му обезбеди место во репрезентацијата на Италија за претстојната репрезентативна пауза.
Марсеј утре гостува кај францускиот првак ПСЖ, во дербито од 29-тото коло во Лига 1.