Чави Ернандес синоќа јавно соопшти дека на крајот од сезоната си заминува од клупата на Барселона, а денеска веќе започнаа шпекулациите за неговиот наследник и сите медиуми си имаат свој фаворит.
Шпанските медиуми засега се тивки и сметаат дека управата на Барселона нема да брза со именување на неговиот наследник и таа задача ќе ја остави за подоцна, но затоа италијанските и англиските медиуми имаат свои фаворити.
Според англиските медиуми, актуелниот менаџер на Брајтон, Роберто де Зерби е прва опција за претседателот на Барселона, Жоан Лапорта.
Италијанците пак тврдат дека поранешниот играч на Барселона и актуелен тренер на Болоња, Тијаго Мота ќе се врати на „Камп Ноу“ и ќе биде наследникот на Чави.
И навивачите на Барселона имаат свои фаворити и тоа Шпанци. Се поголем број навивачи сметаат дека Луис Енрике треба да се врати на клупата, а ништо помал број од нив посакуваат Барселона во следната сезона да биде предводена од актуелниот хит во Ла Лига, тренерот на Жирона, Мичел Муњоз.