Предлогот да се доиграат 92 натпревари во Премиер лигата на неколку стадиони кои се лоцирани надвор од фреквентните локации и централното градско подрачје е одлична, но сепак Англичаните стравуваат од масовни собири на навивачите на клубовите, кои тешко можат да се спречат.
Стадионот „Амекс“на Брајтон, „Лондон стедиум“ на Вест хем, „Етихад“ на Манчестер сити, „Сент Мери“, каде што како домаќин натпреварите ги игра Саутхемптон, и „Кинг пауер“ на Лестер се добро детектирани локации на кои може без проблем да се спречи пристап на фудбалските фанови да бидат присутни на стадионите, но тешко ќе се разбие вековната традиција на заедничко следење фудбал по англиските пабови и вообичаените масовни прослави на улиците ширум Англија.
„Проблемот не е само да најдете локација на стадион каде што, на пример, полесно ќе спречите масовно присуство на симпатизерите, туку ќе мора да се бара начин како да се држи социјална дистанца, на пример, кога Ливерпул би ја славел титулата. Да не заборавиме дека дел од поголемите клубови имаа свои навивачи во цела Англија. Манчестер јунајтед, Арсенал, Ливерпул… се клубови чии навивачи не мора да патуваат на гостување на пример. Имаат голема база на симпатизери во англиските градови и места и сигурно ќе сакаат да ја продолжат традицијата на прослава на секоја победа, каде било да се игра“, велат Англичаните.
Местото на одигрување на мечевите не може да се крие, тешко можат да се спречат масовните собири на симпатизерите на фудбалската игра што би биле спонтани, а се традиција не само во англискиот фудбал, па и за овие проблеми челниците на Премиер лигата, на ФА, но и на британската влада бараат начин како да се разрешат пред да има камбек на фудбалските натпревари во Англија.
Планирано е да се почне на 8 јуни, а сезоната да заврши на 27 јули, но конечната одлука за термините сè уште не е потврдена.