Легендата на Барселона, Чави Ернандес, вчера се врати во родното место откако му завршија обврските со Ал-Сад, па шпанските медиуми го пречекаа на аеродромот и веднаш ги разгореа шпекулациите дека стратегот ќе оди на преговори за работата во својот некогашен клуб.
Чави две години не беше вратен дома поради пандемијата со корона-вирусот, а пристигна со 22 куфери и тврдење дека доаѓа само на подолг одмор.
„Не знам ништо, се вратив само за да го поминам одморот со најблиските“, им изјави Чави на медиумите, кои пак не беа убедени дека нема никаква врска со отказот во најава на Роналд Куман на клупата на Каталонците.
Откако Барса и математички ги загуби шансите за титулата во Ла Лига, стана сè поизвесно дека Куман ќе биде разрешен од позицијата, а Чави одамна е негов прв потенцијален заменик. Сепак, човекот кој освои бројни трофеи со Каталонците како играч, ја продолжи соработката со катарскиот првак и тешко дека ќе прифати ангажман од матичниот клуб.
Но, останува нејасно, кој оди на одмор со 22 куфери? Тие се доволна причина да се шпекулира дека се крие нешто повеќе во најавениот одмор на Чави.