Француските медиуми објавија пред некој ден дека Калиду Кулибали веќе е договорен со Пари Сен Жермен за преселба во Париз, а Наполи би добил 75 милиони евра отштета за одличниот стопер, но сега има и подобра понуда за Сенегалецот.
Манчестер јунајтед се вклучи во трката за 28-годишниот играч на италијанскиот вицешампион и нуди 90 милиони евра. Интересно е што главен играч во целата ситуација е родениот тетовец и еден од најдобрите менаџери на светот, Фали Рамадани, кој е менаџер на Кулибали.
Сега тој ќе има слатки маки, заедно со Сенегалецот, секако и со Наполи да одлучи која понуда да ја прифати. Првично Наполитанците бараа неверијатни 120 милиони евра отштета и на почетокот на сезоната ја одбија понудата на Црвените ѓаволи од Манчестер тешка цели 100 милиони евра, но сега веројатно ќе мораат да прифатат и помалку пари од продажбата на Кулибали.
Калиду е во Наполи од 2014 година, а лани го продолжи договорот до 2023 година, но Аурелио де Лаурентис речиси сигурно ќе го продаде за да се намали финансиската дупка поради прекинот на натпреварите во Серија А, поради Коронавирусот.