Полицијата во Беглрад уште се обидува да расветли повеќе детали од убиството на Љубомир Марковиќ-Кичо кое се случи во петокот вечерта. Тоа што се знае е дека убиецот бил добро подготвен и знае за движењето на водачот на навивачката група на Партизан, но имал и добра логистичка поддршка бидејќи веднаш по убиството по него дошол автомобил БМВ 5 и на тој начин успеал да избега од местото на злосторот.
Според пишувањата во српските медиуми, како главна причина за убиството на Кичо е тоа што тој сакал да формира нова навивачка група за Партизан. Планот било Марковиќ заедно со водачот на навивачката фракција „Шедоуз“, Горан Клјештан-Боске, да формираат нова група. Токму Боске е човекот кој пред неполн месец почина од срцев удар во сала за вежбање, но планот на Марковиќ да формираат нова група го продолжил со братот на Горан, Дарко.
Кичо и Дарко веќе имале добра група која требало да се профилира на навивачката сцена, но тоа како да им сметало на некои други фракции. Се шпекулира дека пред неколку дена бил претепан и Дарко за да биде сопрено формирањето на групата, а со тоа и одливот на дел од навивачите од другите фракции. Сега, за помалку од еден месец, умреа и двајцата главни навивачи кои требаше да ја формираат новата навивачка група. Боске почина од срцев удар, а Кичо е убиен.
Марковиќ беше еден од уапсените и осудените за убиството на францускиот навивач на Тулуз Брис Татон во 2009 година. Тој прво беше осуден на 30 години затвор, потоа казната му беше намалена за 50 отсто, на крајот беше амнестиран во 2017 година, а во петокот згасна неговиот живот.