Напаѓачот на Челзи, Кол Палмер, повторно ќе биде надвор од терените, овојпат поради тоа што претрпе повреда на прст на левата нога во домашна несреќа.
Фудбалерот го удрил прстот во вратата од својот дом и овој случаен инцидент ќе го спречи да биде достапен за претстојните натпревари на својот тим, а тоа се дуелите против Барнли, Барселона и Арсенал.
Менаџерот Енцо Мареска појасни дека повредата „не е ништо сериозно“, но истакна дека „Кол нема да биде достапен оваа и следната недела“ и дека точната должина на неговото отсуство во моментов е непозната.
Малерозниот Палмер беше подготвен да се врати по закрепнувањето од повредата на препоните, поради која отсуствуваше од 20 септември. Неодамна се врати на тренинзите и се очекуваше повторно да се појави во тимот, но овој домашен инцидент повторно го одложи неговото враќање.
Палмер одигра само четири натпревари оваа сезона и не настапи откако беше заменет по 21 минута на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед. Челзи победи на осум од 11 натпревари без него.

