Минатиот викенд Кристијано Роналдо го прослави јубилејниот 700-ти погодок во клупскиот фудбал и стана првиот фудбалер во историјата со вакво постигнување. До крајот на оваа сезона може да се случи во друштво на Роналдо да влезе и Лионел Меси, кој има дадено 691 погодок на клупски план, што значи дека му фалат само уште девет гола за да влезе во Клубот 700.
Низ историјата, со над 600 погодоци на клупски план се малку фудбалери: Ромарио застана на бројката 691 гол, Јозеф Бичан имаше 688, Пеле 679, Ференц Пушкаш 645 и Џими Џонс со 635 голови.
Иако уште е многу далеку, сепак, како еден од оние кои може да стигнат до бројката од 700 погодоци во клупската кариера е Ерлинг Халанд. Норвежанецот, кој има само 22 години, веќе ја има надминато бројката од 150 погодоци на клупски план.
Халанд започна во Молде (20 голови), потоа играше за Салцбург (29 голови), а светска слава доби со игрите во Борусија Дортмунд, каде што постигна дури 86 погодоци, што беше знак за трансфер во Манчестер сити. Во првите неколку месеци во дресот на Граѓаните, Халанд веќе даде 20 погодоци и сега има 155 клупски голови во кариерата.
Роналдо до 700 погодоци стигна на 38 години, што значи дека ако Халанд игра до неговата 38-ма година, му следуваат уште 16 сезони. За да стигне до бројката од 700 голови, на Халанд сега му требаат уште 545 гола, па математички значи дека голгетерот треба да дава по 35 погодоци во сезона и за 16 сезони ќе стигне до 700 погодоци.
Ако Халанд продолжи во ова темпо како што игра сезонава, може да очекуваме Халанд еден ден да влезе во друштво на Роналдо, а најверојатно во тоа друштво ќе биде и Меси.