Карим Бензема игра одлично сезонава. Французинот моментно е најдобар стрелец во шпанското првенство со девет голови и е вистински предводник на Реал Мадрид. Во анкетите на „Франс Фудбал“ и „Лекип“, дури 68 отсто гласале дека Бензема треба да се врати во репрезентацијата, но сепак така не мисли претседателот на фудбалската федерација на Франција Ноел Ле Грает.
Првиот човек на францускиот фудбал вели дека никој во националниот тим не изразил желба да биде вратен Бензема и дека тоа што го направи со уценување на соиграчот Матие Валбуена со виодеоснимка со сексуална содржина се главни причини поради кои не игра за Галските петли.
„Според мене тој е многу добар играч. Никој никогаш не смее да ги оспори неговите играчки квалитети. И со мечевите кои ги игра сезонава во Реал, потврдува дека е еден од најдобрите на неговата позиција. Сепак, кога се работи за настапот во француската репрезентација, за него вратата е затворена“, рече Ноел.
Откога во 2015 година излезе скандалот со уценувањето на Валбуена, Бензема беше избркан од репрезентацијата и веќе не заигра ниеднаш. Вкупно има 81 меча за Франција, а постигнал 27 голови.