Тешкиот пораз од ПСЖ на стартот од Лигата на шампионите додаде сол на раната на Реал Мадрид и на Зинедин Зидан, на веќе загрижувачката сезона во воведниот дел. Реномираната „Марка“ тврди дека бледите изданија на Кралевите може многу да го чинат Зинедин Зидан.
Наводно, навивачите, но и дел од управата полека го губат трпението со францускиот стратег, а дополнително се загреа ситуацијата со шпекулацијата кој би можело да го наследи Зидан на клупата на тринаесеткратниот европски шампион. По малку очекувано, се споменува името на Жозе Мурињо, поранешниот тренер кој од декември 2018 година е без ангажман, по отказот од Манчестер јунајтед.
„Марка“ ги оправдува резултатите на Зидан од вториот дел од минатата сезона по враќањето на клупата, но дека исто така во тимот не се гледа напредок и покрај огромните вложувања во засилувања ова лето. Токму поради тоа се шпекулира дека Мурињо го дели повик од втора соработка со Кралскиот клуб.
„Реал можеш да го одбиеш еднаш, вториот пат е тешко, третиот невозможно“, рече Мурињо пред девет години, кога ја презеде клупата на Кралскиот клуб. Беше доведен со намера да ја прекине доминацијата на Барселона, која во тој период ја предводеше Пеп Гвардиола.
Португалскиот стратег во Мадрид пристигна со реноме на европски шампион и тројна круна во последната сезона на кормилото на Интер, во улога на спасител одговори на повикот на Флорентино Перес. Под водство на Мурињо, Реал ја освои шампионската титула во сезоната 2011/12 со рекорден број победи (32), бодови (100) и погодоци (121). Играа три последователни полуфиналиња во Лигата на шампионите, а претходно шест сезони во низа не можеа да ја минат осминафиналната бариера.