Вторник 14 часот е стандардниот термин во којшто почнува типувањето за новото коло на популарната бесплатна Спортска прогноза, овојпат 15-то сезонава, а со свои прогнози може да учествувате до сабота попладне, до почетокот на првиот меч од понудата.
Во основната 13-ка, најголеми дербија на кои треба да се погоди конечниот исход се Барселона – Атлетико Мадрид и Тотенхем – Ливерпул.
Барса и Атлетико имаат еднаков број бодови, го делат врвот во шпанската лига, па ако има победник, тој тим ќе ја заврши 2024 година на чело на табелата.
Ливерпул е лидер во англиската Премиер лига, но веќе не е толку комотен на врвот како до пред некоја недела. Црвените минатата сезона загубија на гостувањето кај Тотенхем, па сигурно ќе биде интересно на овој меч во Лондон.
Прв меч во понудата е Хетафе – Мајорка, кој почнува во 14 часот в сабота, а тука се и дуелите Торино – Болоња, Хофенхајм – Борусија Менхенгладбах, Холштајн Кил – Аугсбург, Брентфорд – Нотингам ф., Вест хем – Брајтон и Барселона – Атл. Мадрид од саботната понуда.
За недела остануваат Валенсија – Алавес, Лестер – Вулверхемптон, Венеција – Каљари, Бохум – Хајденхајм, Тотенхем – Ливерпул и Волфсбург – Борусија Дортмунд. Тука се и резервните парови Вердер – Унион Берлин и Осасуна – Атлетик Билбао, кои се сметаат во генералниот пласман, а може да влетаат и во 13-ката ако некој меч од таму е одложен или прекинат.
Прогнозерот кој ќе има 13 погодени натпревари ќе може да си одбере еден од подароците (Смарт ТВ самсунг 55” 4K, Xiaomi електричен тротинет, PlayStation®5). За 12 погодени мечеви следува вредносен ваучер од 1.000 денари во Sport Life, додека 11-ката носи ваучер од 500 денари.