Пријателскиот натпревар помеѓу Колумбија и Чиле заврши 0-0, а средбата во шпанскиот град Аликанте ќе им остане во лошо сеќавање на двете репрезентации.
Освен тоа што не успеаја да дадат гол, двата национални тима од Јужна Америка, останаа без по еден напаѓач. Кај Колумбијците во првото полувреме се повреди Дуван Запата од Аталанта, па беше изваден од игра во 23-та минута, а во финишот, се повреди Чилеанецот Алексис Санчес па и тој предвреме го заврши мечот. Повредата на Санчес е лоша вест и за неговиот клуб Интер.
Запата има мускулна повреда, а Санчес доби силен удар во глуждот на ногата. Следниот дуел на Аталанта е против Лацио на „Олимпико“ и настапот на Запата е неизвесен. Алексис се чини дека нема да има долга пауза, но и тој ќе биде поштеден на некој од наредните мечеви.